Новости
четврток, 13 март 2025 11:18
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска беше домаќин на дипломатска делегација на Турција во рамките на состанокот за споделување искуства во процесот на европската интеграција. Во својот поздравен говор, министерот Муртезани нагласи дека продлабочената соработка со Турција е од големо значење за Северна Македонија, особено во поглед на институционалното зајакнување, усогласувањето со европските стандарди и подобрувањето на капацитетите за управување со европските фондови.
Состанокот беше фокусиран на неколку клучни теми и панели, на кои претставници од двете делегации споделија свои согледувања и експертиза. На првиот панел, турската страна ги претстави своите искуства од пристапниот процес, со посебен фокус на институционалната структура, механизмите за преговарање и главните предизвици што ги надминале низ годините. Експертите од Министерството за европски прашања на Северна Македонија пак, говореа за тековниот статус на евроинтеграциите на земјата и приоритетите кои што претстојат во наредниот период.
Во рамките на вториот панел се дискутираше за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ, при што експерти од двете страни ги претставија своите организациски структури, процедурите за превод и координација, правната и стручната ревизија на преведените акти и создавањето терминолошки бази, што се клучни за прецизно и доследно пренесување на правото на Европската Унија во националниот правен систем.
Третиот панел беше посветен на финансиската соработка со ЕУ и користењето на ИПА фондовите. Македонската и турската страна ги презентираа своите искуства во програмирањето, спроведувањето и следењето на европските фондови, со посебен акцент на механизмите за ефикасно управување со средствата и осигурување на нивната максимална искористеност.
Последниот панел се фокусираше на прекуграничната и регионалната соработка, при што беа разгледани можностите за заеднички проекти во рамките на европските програми. Двете страни ја истакнаа важноста на ваквите иницијативи за поттикнување на економскиот развој, инфраструктурната поврзаност и градењето на посилни односи меѓу институциите.